Детскиот, младинскиот ансамбл и ветерани на КУД „Илинден“ вечер во големата сала на Центарот за култура-Битола ќе го одржат традиционалниот годишен концерт, годинава насловен „Градски приказни“.
Според програмата, ансамблите на КУД „Илинден“-Битола ќе ги изведат ората „Буките“, „Левото“, „Патрунино“ и „Вај Вај“, чалгискиот оркестар „Румелија“ ќе настапи со песната „Крек Џоне Крек“, а низ посебна сценска адаптација ќе бидат презентирани „Охридски староградски игри“ и битолски песни и игри „На визита“.
-Сценската адаптација „На визита“ ќе ја изведат 30 членови ветерани во друштвото, играорци од различни генерации, како и поранешни членови на КУД „Илинден“. Како и секоја година, така и оваа, во пресрет на концертот има возбуда како кај учесниците, така и кај публиката која без сомнение ќе ја исполни големата сала на Центарот за култура, до последното место, најавија организаторите на концертот за кој влезот за посетители е слободен.