Шеснаесет тутунски здруженија, членки на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија го обвинуваат актуелниот претседател на Сојузот, Кере Неделкоски за проневерување на девет милиони денари од касата на Сојузот откако дојде за претседател во октомври минатата година па до април годинава. За тоа е поднесена кривична пријава до основното јавно обвнинителство во Скопје во септември годинава.
Ова беше истакнато на прес-конференцијата што ја одржаа претставници на тутунските здруженија од Прилеп, Долнени и од Крушево.
Според Илија Тотески, секретар на тутунското здружение „Братство“ од Крушево и член на финансиската комисија на Сојузот, членките не го сакаат Неделковкси за претседател, на повеќе наврти го менувале, но оти Централниот регистар не сакал да на направи промената.
-Претседателот на Сојузот, Неделковски, ги измами здруженијата (16 тутунски здруженија па и власта), и мора да одговара според законот. На 26 септември годинава, до скопското јавно обвинителство, поднесовме кривична пријава против Неделковски за проневерување на девет милиони денари од Сојузот, наменети за исплата на повереници. Како резултат на тоа, сите членки на Сојузот, едногласно донесовме одлука за разрешување на претседателот Кире Неделковски и именување нов претседател. Покренавме легитимна постапка, во неколку наврати за пет месеци до Централниот регистер за упис на нов претседател, но оти тој не сакаше да го регистрира новиот претседател на Сојузот, рече Тотески.
Тој додаде дека во еден наврат, на 15 октовмри бил запишан новоименуваниот претседател Ванчо Коцев од Неготино.
-Токму во овој период успеавме да добиеме увид во книговодството на Сојузот и детално да ги костатираме малверзациите со парите. Дотогаш Неделковски не доставуваше книговодствените документи до овластениот сметководител на Сојузот. Членките на Сојузот не го сакаат Кире Неделковски за претседател. Централниот регистар покрај улогата што ја има – да регистрира и да брише, не ги почитува одлуките на Собранието на Сојузот. Не веруваме дека се погрешни нашите постапки. Сета процедура ја водиме со адвокат се е како што налагаат законските прописи. Нашата најнова иницијатива до Централниот регистер е што последно, пак, поднесовме барање да се запише новоизбраниот председател на 10 декември и досега немаме никакво известување оттаму што се случува, а законскиот рок е да не бидеме известени за една недела, рече Тотески.
Муса Ибраимоски, претседател на тутунското здружение „Златен Лист“ од Долнени и претседател на комисијата при Сојузот за водење на откупот, вели дека Неделковски многу ја оштетил асоцијацијата.
-На 28 ноември, како Сојуз, имавме состанок во Стопанската комора на Македонија, заедно со откупувачите и со Министерството за земјоделство. Поради проблемите во Сојузот, ги замоливме откупувачите, до крајот на годинава да не префрлаат пари за поверениците што ги добива Сојузот на тутунските здруженија за исплата на поверениците. Претседателот на Сојузот Неделкоски од членките е разрешен на неколку наврати. Ние имаме добра соработка со Владата и со Министерството за земјоделство, но проблеми имаме со Неделковски. Имаме изводи од книговодрство со кои се покажува дека е направена голема штета на Сојузот. На сопствена сметка префрлил преку пет милиони денари, а давал пари на непознати луѓе. Вкупно во Сојузот недостасуваат девет милиони денари. Тој нема контакт со нас, не доаѓа на седница, објаснува Ибраимоски.
Во разговорот со Неделкоски за обвинувањата што ги упатуваат кон него членките на Сојузот на тутунските здруженија, тој категорично ги отфрла обвинувањата и нагласува дека поднесол кривична пријава кон здруженијата кои за седум години проневериле 2,5 милиона евра за отуѓување на објекти на Здруженијата во повеќе градови во земјава.
– Обвинувањата се дезинформации. За сите средства што се трошени постојат одлуки и тоа се строго наменски пари. Јас, наспроти се, по дојава од различни страни, осознав дека за седум години во Сојузот се проневерени околу 2,5 милиона евра, и поднесов кривична пријава.Прилепчани знаат како е продаден објектот на здружението „Мице Козар“, а потоа и објектите во Крушево, Демир Хисар, во Струмица. Една организиразна група од 16 здруженија 10 години не дозволувала ниту влез на друго здружение, ниту пак некој да провери што се случува. Кога станав претседател, во октомври минатата година, сите работи ги испитавме и собравме огромен број докази. Затоа на 21 септември 2017 година поднесовме кривична пријава до основното јавно обвинителство за организиран криминал. Се е во предистражна постапка и ќе се знае кој проневерувал пари и ги оштетувал тутунопроизводителите, одговара Неделковски.
Инаку, откупот на тутунот во земјава се одвива непречено. Досега се откупени 9,5 илјади од околу 23 000 тони тутун по просечна цена од 205 денари за килограм.