Дел од одлуките од 110-та седница е извештајот за завршени преговори за склучување на Спогодба помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за заштита и спасување од природни и други катастрофи.
Со спогодбата се опфатени прашањата од областа на заштитата и спасувањето на населението и материјалните добра на билатерално ниво, како и соработката во делот на давањето и приемот на взаемна помош во случај на големи катастрофи, со цел соодветен одговор при вакви ситуации.
Освен тоа, Спогодбата е и своевиден придонес во унапредување на регионалната соработка на Република Македонија со државите од нејзиното најблиско опкружување, во доменот на превенција и одговор при справувањето со природни и други катастрофи, се вели во соопштението на Владата.
На предлог на министерството за економија, Владата денеска ја прифати Информацијата за развој на системи за дистрибуција на природен гас во Република Македонија.
Со цел да се изготви модел за развој на системи за дистрибуција на природен гас, Владата го задолжи Министерството за економија да формира работна група составена од двајца претставници на Министерството за економија, по еден претставник од Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија, Кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, по еден претставник од министерствата за финансии, за транспорт и врски, за локална самоуправа и еден претставник од МЕР АД Скопје.
Рокот за номинирање членови и заменици на работната група е 5 дена. Моделот за развој на системи за дистрибуција на природен гас во земјата, министерството за економија е задолжено до Владата на Република Македонија да го достави во рок од 45 дена.