Поминаа речиси 5 години од настанот кога Михаел Шумахер се здоби со тешка повреда на глава, додека скијаше на француските Алпи со неговиот син Мик.
Оттогаш, семејството дава малку информации за состојбата на поранешниот Формула 1 шампион, замолувајќи ги фановите да ја почитуваат нивната приватност.
Британски „Дејли Мејл“ објави дека Германецот не е веќе „врзан“ за кревет, но дека се уште добива екстензивна нега, која го чини околу 60 илјади евра неделно.
Шумахер и неговото семејство живеат во нивната вила во Швајцарија, која што била преуредена за да можат лекарите и медицинскиот персонал да се грижат за него.
Поранешниот шеф на Шумахер во Ферари, Жан Тод, изјави дека го посетувал Германецот два пати месечно.
По завршувањето на овогодинешната Формула 1 сезона, тој изјави дека заедно со Шумахер ја следеле трката за Големата награда на Бразил, кога Луис Хамилтон ја обезбеди титулата.
– Секогаш внимавам со изјавите за Шумахер, но вистина е. Заедно ја гледавме трката во неговата куќа во Швајцарија, изјави Жан Тод.
Шумахер, кој на 3 јануари ќе наполни 50 години, доживеа тешка несреќа на 29 декември 2013 година.