Министерот Спасовски и дел од раководството на МВР денеска го посетија Полицискиот Центар во „Ѓорче Петров“ каде што полициските службеници што беа селектирани и во моментов ја реализираат селективната обука за прием во Единицата за брзо распоредување и Посебната единица за поддршка го презентираа стекнатите професионални знаења.
„Јас и моите соработници, свесни за важноста и императивите за динамично реформирање на полицијата и нејзина трансформација во вистински сервис на граѓаните, во современа исклучиво професионална институција согласно сите модерни и во светот признати стандарди на полициското работење, ќе сториме се во рамки на законските и финансиски можности да ви овозможиме што е можно поквалитетни предуслови за работа“, рече министерот Спасовски пред полициските службеници.
Министерот Спасовски информираше дека во тек е набавка на комплет униформа за припадниците на овие две единици, спортска униформа за трите единици во Одделот и десет специјални возила за воспоставување на Јавен ред и мир за ЕБР И ПЕП.
„На вас, останува – своето знаење, вештини, професионална етичност и интегритет да ги вложите во името на сопствените амбиции но, и во името на законите – со цел заедно да изградиме полиција со којашто ќе се гордеат граѓаните“, рече министерот.


