Собраниска комеморативна седница по повод смртта на Љубиша Георгиевски

Од:

Георгиевски успеа на свој начин да ги спои театарот и политиката и се залагаше за поголема одговорност на законодавниот дом преку изработка на нов деловник за работа, а во политиката на прво место го ставаше човекот и неговите права и слободи, порача спикерот Талат Џафери на комеморативната седница во Парламентот по повод смртта на Љубиша Георгиевски, поранешниот претседател на Собранието на Република Македонија.

-Мислата на Георгиевски „граѓаните ја имаат одговорноста за својата судбина“ треба да ја запомниме сите кои сме дел од политичкиот живот. Да ја запомниме, бидејќи многу јасно укажува какво општество ќе имаме ако не бидеме свесни за моќта на нашиот глас без разлика дали сме дел од политичката структура, невладиниот сектор или експертската и културна јавност, рече претседателот на Собранието Џафери.

Љубиша Георгиевски, потенцира, заминува од овој свет, но зад него останува неговото дело, неговите театарски претстави, драми, филмови, книги и неговиот политички ангажман, а со тоа останува со нас, но и за идните генерации како дел од нашето културно и политичко наследство.

-Георгиевски секогаш барал нови, неконвенционални начини на борба против стереотипите и предрасудите и во тие негови битки не секогаш бил подеднакво и на ист начин сфатен и прифатен од сите. Во политиката влегува со сиот свој интелектуален капацитет, но и со сиот свој немир и страст што го носи театарот и драмската уметност, дури некој би рекол дека успеваше да направи креативна симбиоза на овие два на прв поглед неспоиви сегменти на човековото дејствување. Во политиката тој на прво место го ставаше човекот и неговите права и слободи, посочи Џафери.

Тој нагласи дека во мандатот на Георгиевски како претседател на Собранието започнаа размислувањата и идеите за промена на собранискиот деловник во правец на поголема ефикасност на законодавната власт и нејзина вистинска независност во однос на другите гранки на власта.

-Таа негова иницијатива не резултираше со успех, но треба да се има на ум дека секоја идеја и размислување има потреба од период на растење, развивање и зреење. Денеска сме во фаза кога се во тек консултации и конструктивни разговори, усогласувања и дебати на сите нивоа со една единствена цел – да имаме деловник за работа на Собранието кој ќе биде донесен со консензус и ќе се спроведува и почитува од сите кои се дел од законодавниот дом и ќе одговара на современите предизвици на парламентарната демократија, рече Џафери.

Потсети дека за време на мандатот на Георгиевски започна и процесот на реконструкција и доградба на собраниската зграда и додаде дека денеска имаме здание кое ги задоволува условите за нормално работење на пратениците и службите.

Љубиша Георгиевски е роден во Битола во 1937 година. Дипломирал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград во 1974 година. Беше театарски и филмски режисер, драмски писател, есеист, теоретичар на театарот и професор по театарска режија и актерство на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Како политичар во 1994 година беше кандидат за претседател на Република Македонија предложен од ВМРО-ДПМНЕ, амбасадор во Бугарија и Србија, а од 2006 до 2008 година беше претседател на Собранието на Република Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Погребот на Георгиевски ќе биде в недела од 11:00 до 13:00 на Градските гробишта Бутел во Скопје.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште