Светските цени на храната во ноември паднаа на најниско ниво во период од повеќе од две години, поттикнати од големиот пад на цените на растителните масла, млечните производи и житарици, објави денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Индексот на цените, пресметан од страна на ФАО, која ги мери месечните промени во цената на потрошувачката кошница (житарки, масло за јадење, млечни производи, месо и шеќер), во ноември падна на 160,8 поени во споредба со октомвриските 162,9 поени, што е најниско ниво уште од мај 2016. година, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Сепак, според проценките на ФАО, глобалното производство на житарици за 2018/2019 година би требало да изнесува 2,595 милијарди тони, што е значително пониско во споредба со претходната проекција и за 2,4 отсто пониско од минатогодишното рекордно производство.
Прогнозите на ФАО за светското производство на пченица во 2018/2019 година изнесуваат 725,1 милион тони, што е 2,8 милиони тони помалку во однос на претходната проекција.