„Македонска вокална музика“ е насловот на утрешниот концерт кој ќе се одржи на Музичката академија при Факултетот „Гоце Делчев“ – Штип, во 20 часот.
Како солисти ќе настапат млади, но искусни музички уметници кои се активни на сцените во земјава и надвор од неа, и кои зад себе имаат навистина завидна биографија: Марко Димовски – баритон, Александра Коцевска – мецосопран, Злата Тошевска – сопран, Јане Дунимаглоски – тенор, како и пијанистите Мимоза Ќека и Ема Попивода.
На концертот, кој е во организација на Сојузот на композиторите на Македонија, ќе бидат изведени дела од различни генерации македонски композитори – Тодор Скаловски, Петре Богданов Кочко, Сотир Голабовски, Трајко Прокопиев, Љубомир Бранѓолица, Томислав Зографски, Стојан Стојков и Сони Петровски.