ВИДЕО: Синдикатот на културата бара зголемување и нивелација на платите на вработените во културните и уметничките институции

Од:

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) изразува разочарување поради необезбедување средства во буџетот за идната година во однос на зголемувањето на платите на вработените во културните и уметничките институции и бара нивелација на платите, изјави денеска Сања Арсовска, претседателка на СКРМ и актерка вработена во Драмскиот театар.

Таа посочи дека до крајот на годинава требало да се донесе новиот закон за јавен интерес во културата, а со тоа и да се потпише колективниот договор, но тој не е донесен, а средства за колективен договор не се обезбедени со буџетот.

– Во разговор со министерот за култура ни беше објаснето дека законот за култура доцни поради недонесувањето на законот за административни службеници, заради тоа што промените што се направени во новиот закон за култура треба да се вметнат во законот за администрација и тие да се усогласат. Синдикатот има разбирање за одолговлекувањето на овој процес на усвојување на законот за култура, а со тоа и потпишувањето на колективниот договор, но мораме да го искажеме нашето разочарување заради непоместување од мртва точка на состојбите во која вработените се наоѓаат повеќе од една деценија, рече Арсовска.

Посочи дека како преоден чекор кон потпишувањето на колективниот договор бараат нивелација на платите во сите дејности преку која, како што појасни, делумно ќе се амортизираат катастрофалните состојби во институциите каде вработени на исто место со ист степен на сложеност и одоговорност земаат различни плати.

– Барањето за нивелација на платите е испратено до Министерството за култура во вторникот, се уште го чекаме нивниот одговор, а исто така преку амандамн во Собранието ќе бараме средства да бидат вметнати во буџетот за идната година. Според пресметките направени во Министерството за култура за нивелација на плати во областа на културата се потребни околу 75 милиони денари. Културата е единствената гранка која веќе 12 година нема потпишано колективен договор, која се уште има најниски плати, а културните работници не можат да преживуваат во ваква состојба, истакна Арсовска.

Не можеме, посочи, да имаме културен и уметнички развој додека вработените во културата, оние кои ја создаваат уметноста, оние кои се грижат за културното наследство, за библиотечните фондови, за кинотечните збирки живеат на работ на својата егзистенција. – Со ова барање за нивелација даваме рок до 31 декември. Доколку дотогаш не се усвојат и не се одобрат средства за нивелација на платите вработените во културата Новата година ќе ја дочекаат со блокирање на институциите и излегување на улица, додаде Арсовска.

Би можело да ве интересира

Над 3000 вработени во културата се без плата, од утре излегуваат на протести

Синдикатот за култура во вторник со предупредувачки штрајк за колективен договор во културата

Синдикатот на културата најавува штрајк на 16 декември ако во најкус можен рок не се потпише колективен договор

Ана Ололовска