Организирање празничен настан по ратификацијата на Договорот од Преспа на кој би се презентирала работата во економската соработка, на кој би биле присутни и Албанија и Бугарија, е предлогот од алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос до шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, јави дописничката на МИА од Атина.
– Му предлагам на Никола, штом ќе заврши нашиот заеднички напор за ратификација на Договорот од Преспа, штом го прославиме овој храбар обид на Никос Коѕијас и на двајцата премиери, да можеме да соопштиме нешто конкретно во рамките на квадрилатералната соработка. Еден празничен настан, освен политичката порака што ќе ја испратат нашите лидери. Да ја претставиме нашата работа на ниво на економска соработка, рече Катругалос во обраќањето на почетокот на четвртиот министерски состанок во Солун.
Шефот на македонската дипломатија, Димитров предложил, а министрите прифатиле: на состаноците да им претходат подготвителни експертски средби.
– Никола даде многу интересен предлог, кој беше усвоен: пред министерските состаноци да им подготвителни средби на експертско ниво. Овој пат не се случи тоа. Затоа, предлагам, да се обидеме да го сториме тоа по овој состанок. На пример, за еден месец, да се организира состанок на техничко ниво, на ниво на експерти, со цел дополнително да се истражат идеите за кои ќе се дискутира во однос на економијата, на министерскиот состанок, објасни алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, пренесе МИА.
Јоргос Катругалос, во поздравното обраќање рано утрово, се осврна и на европската перспектива на Македонија и Албанија, потенцирајќи дека Грција и понатаму останува силно посветена на проширувањето на ЕУ, бидејќи смета дека тоа е од „взаемна корист и за Европа и за Грција, но и за сите земји од регионот“.
Овој пат, економската соработка беше во фокусот на разговори на министрите од Македонија, Албанија, Бугарија и домаќинот Грција.
– На оваа средба решивме да се фокусираме на економијата. Според мене, овој потег е апсолутно логичен, бидејќи ги разгледавме прашањата за безбедност и полициската соработка, кои што се многу важни за нас, бидејќи сите земји се соочуваат со предизвици, не само со миграцијата, туку и со организираниот криминал и корупцијата . Според тоа, мислам дека е логично да се преминеме на едно ниво кое бара многу позрела соработка: на нивото на економијата, рече Катругалос.