Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска имаше средба со претседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Сума Чакрабарти.
На средбата, како што соопшти владината прес служба, се разговараше за реализацијата на тековните проекти на Владата кои што се поддржани од ЕБОР, како и за можностите за продлабочување на соработката во насока на поддршка на стратешките проекти кои Владата ќе ги реализира во наредниот период.
Премиерот Груевски искажа благодарност и задоволство за досегашната плодна соработка и поддршка која доаѓа од страна на ЕБОРј, а која се одвива во повеќе полиња како што се проектите од инфраструктурен карактер, изградбата на патишта, реконструкција на железницата како и повеќе проекти и инвестиции од сферата на енергетиката.
Токму таа соработка, посочил Груевски, ЕБОР ја прави стратешки партнер на Владата во целта за унапредување на економијата, и развивање на стопанството и обезбедување нови инвестиции.
Груевски истакна дека проектите кои се реализираат со поддршка на ЕБОР обезбедуваат конкретни вработувања, унапредување на економијата, нови финансиски средства и раст во градежништвото, што резултира со подобрување на компетитивноста на економската понуда.
Соговорниците нагласија дека таа соработка ќе продолжи преку активна поддршка на нови конкретни проекти како што е отпочнувањето на проектот за изградба на пругата од делницата Куманово – Бељаковце што треба да не поврзе со Бугарија, потоа изградбата на делницата Демир Капија – Смоквица од Коридорот 10 и воведувањето на електронски систем на наплата на патарините на патиштата, проектот за обновување на возниот парк во Македонски железници со цел да се обезбеди поефикасен и поекономичен транспорт на стока и патници, како и преку поддршка на процесот на гасификација на земјата, изградбата на хидроелектричната централа Бошков Мост и повеќе други клучни проекти од енергетиката.
Премиерот Груевски и претседателот на ЕБОР Чакрабарти се согласија дека во последниве години ЕБОР има обезбедено значителна поддршка за македонската економија, финансирајќи повеќе проекти за одржлива енергија како енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, во сферата на транспортот преку изградба и реконструкција на патиштата и железницата, директна или индиректна поддршка преку партнерските банки инвестиции во земјоделието, агробизнисот, поддршка на мали и средни претпријатија.
Претседателот на ЕБОР Сума Чакрабарти, изразувајќи високи оценки за политиките кои ги реализира македонската Влада го истакна своето задоволство што беше во можност да продискутира со премиерот Груевски за македонската економија, како и за приоритетите и проектите кои ЕБОР ги поддржува, а кои ги реализира Владата.
ЕБОР продолжува да биде цврст и стратешки партнер на Владата на Република Македонија, рече Чакрабарти и изрази убеденост дека во идниот период со заедничката реализација на проекти ќе се оствари економски развој на државата. Чакрабарти истакна и дека банката има намера да остане целосно ангажирана подобрувајќи ја конкурентноста и олеснувањето на приватните инвестиции во корпоративниот и општинскиот сектор, да се промовира енергетската ефикасност и инвестиции во обновливите извори на енергија и унапредување на регионалната интеграција преку инвестиции во патниот, железнички и енергетскиот сектор.