Македонскиот композитор Вулнет Таири, неодамна го објави својот прв компакт-диск, на кој се сместени пет композиции за различен инструментален состав како избор од неговиот досегашен композиторски опус.
На ЦД-то се наоѓаат „Четири пиеси“ за дувачки квинтет во изведба на ансамблот за современа музика „Сонорис“, „Трио“ за обоа, кларинет и фагот во изведба на ансамблот „Хоризонте“ од Германија во состав: Јорг Петр Митман – обоа, Мерве Казокоглу – кларинет и Марјан Милошевски – фагот, „Циклус песни бр. 2“ за глас и пијано во изведба на Марија Муратовска – сопран и Шкељзен Бафтиари – пијано, „Квинтет“ за флејта, кларинет, пијано, виолина и виолончело во изведба на ансамблот за современа музика „Сонорис“, како и Симфонија бр. 1 во изведба на оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентство на маестро Саша Николовски – Ѓумар.
Уредник на изданието е музикологот Марко Коловски, издавачи се Музичкиот издавачки центар, Сојузот на композиторите на Македонија и Македонска радио-телевизија, а е поддржано од страна на Министерството за култура на Р. Македонијa.
Вулнет Таири (1982) и припаѓа на помладата генерација македонски композитори. Своето музичко образование (композиторско и теориско) го стекна на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класите на проф. Гоце Коларовски и проф. Тома Манчев.
Освен кон творештвото, својот интерес Таири го насочува и кон музичката педагогија, при што за кус период го мина патот од наставник во Основното музичко училиште во Гостивар (солфеж и теорија на музика), до универзитетски професор (2009 година стана член и на Тетовскиот државен универзитет – Факултет за музичка уметност), каде што го предава стручниот предмет (оркестрација). Како автор, вниманието на стручната јавност кај нас го свртува уште во време на студентските години (2004 и 2005 година) кога некои од неговите младешки дела доживуваат први изведби. Во ова време пишува главно камерни дела, а потоа, постапно стигна до совладување на големите музички форми. Во 2009 година ја создаде својата Симфонија бр. 1, изведена од страна на Македонската филхармонија. Вулнет Таири како композитор е добитник на неколку државни награди, на националниот натпревар на Р. Македонија (Циклус соло песни бр. 2; Детски хор; Трио за обоа, кларинет, фагот; Четири пиеси за дувачки квинтет). Неговите дела се изведувани во земјите на Балканот, Европа, па дури и во САД, а постојано се изведуваат и на фестивалите „Денови на македонска музика“ и „Скопско лето“.