Најдоцна до средината на идниот месец треба да заврши уредувањето на старото излетничко место на гевгеличани, популарниот ,,Динќут“, кој ќе биде претворен во вистински спортско-рекреативен центар со привлечни содржини за лица од сите возрасти, соопштија денеска од информативната служба на општина Гевгелија.
-Рекреативната патека е целосно изградена со поставени канделабри, а моментно се доработуваат уште детските игралишта, амфитеатарот и фитнес зоната по што очекуваме гевгеличани да добијат прекрасно туристичко излетиште за одмор и рекреација, наведуваат од општината.
Излетничкото место кое се наоѓа во близина на последната населба во западниот дел на Гевгелија, како дел од богата содржина на посетителите им нуди уредени трим патеки, летниковци со маси и клупи и детски катчиња.
За реализација на овој проект од ИПА програмата за прекугранична соработка со Бугарија, општина Гевгелија доби околу 170.000 евра.