Гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков денеска оствари работна средба со амбасадорот на Франција во а земјава, Кристијан Тимоние, со кого во едночасовен разговор беа претставени потенцијалите и можностите за развој на општина Гевгелија и поддршката која во таа насока може да ја пружи Франција.
Поцков го запозна Тимоние со моментното движење на локалната економија, со капиталните проекти кои се веќе реализирани како и со оние кои се во подготовка на реализација. Тој ја потенцираше потребата од поголеми зафаќања на пари од ЕУ – фондовите и од заложбата на пријателска Франција за поддршка на чекорењето на Гевгелија и Македонија кон европските текови.
Според Тимоние, Гевгелија е симбол на надежта, затоа што по успехот на Преспанскиот договор, нагласи, ова место ќе стане најзначајно во развојот помеѓу сите земји од Западен Балкан.
-Разговаравме со градоначалникот Поцков за сите европски проекти каде Франција може да си го најде своето место во овој транзитен град, кој е навистина пред европска перспектива, затоа што ги поседува сите предуслови за развој на туризмот и има воспоставено вистинка рамнотежа помеѓу економијата и екологијата, теми за кои дури и владата во Франција е загрижена, рече Тимоние.