„Исплашена од реалните бројки, на невработени со кои не може да се сокрие нејзиниот неуспех во борбата со овој тежок проблем, власта повторно се обидува нечесно и ненародно, со создавање законска основа за полесно бришење од евиденцијата, да ги фризира податоците и да создаде лажна слика дека успешно се справува со невработеноста“, предупреди СДСМ.
„Сега, со новите измени и креирање на услови за невработените лица, власта спроведува акција со која нема намера да ги вработи невработените, туку само експресно и дрско да ги избрише од Агенцијата за вработување. Една од потврдите за тоа е и предлогот за невработените да останат на државниот список, да мораат задолжително да прифатат работа која не е според нивното образование, во населено место оддалечено и до 2 часа возење од нивниот дом! Јасно е дека целта е уште еден нов бран на бришење од списоците, по кој власта повторно ќе се фали дека ја намалила невработеноста. Но, реалноста е премногу катастрофална за со неа да може да се манипулира, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Игор Ивановски.
Овој јалов обид на власта за фризирање на бројките , рече Ивановски, само ќе ја влоши состојбата и ќе ја зголеми сиромаштијата.
Во име на невработените и сиромашните, СДСМ бара веднаш Владата да го повлече овој , како што велат , ненароден Закон и Владата да си ја врши работата и да почне да создава работни места, наместо, како што изјави, да ги троши парите на граѓаните за скапи реклами, споменици, скапи возила и мебел и огромен криминал.