Ансамблот на НУ Народен театар-Битола е подготвен за премиерна изведба на претставата „Аждер“ од Евгениј Шварц, во режија на Владимир Милчин.
Милчин, на денешната прес-конференција нагласи дека текстот во претставата е напишан во 1943 година, а е актуелен и денеска, како што истакна „аждерите се повторуваат“.
– Ако оваа претстава, или ако овој текст треба да го сведам на една реченица, тогаш слободно ќе кажам, аждерот замина, а аждеризмот преживеа. Претставата треба да потсети дека како луѓе немаме право да се опуштиме, дека нити една победа не е дефинитивна, ако сакаме да живееме во општества во кои владее хуманост, слобода, право, демократија. Очекувам оваа креативна авантура гледачите да ја прифатат со задоволство, и да стигнат дома замислени, порача Милчин, додавајќи дека најнесреќен ќе биде ако по претставата некои гледачи си заминат рамнодушни бидејќи претставата е направена да ја разбие рамнодушноста.
Главната улога во претставата, ликот на аждерот ја толкува актерот Мартин Мирчевски, а на сцената ќе настапи голем тим од 24 актери.
Сценограф е Крсте С. Џидров-Џиби, костимограф Марија Пупучевска, а композитор Марјан Неќак.