Во прилепски „Еурокомпозит“ работниците денеска почнаа да ги подигнуваат решенијата за технолошки вишок и да се пријавуваат во Бирото за вработување. Станува збор за 130 вработени кои ги исполнуваат условите за прогласување технолошки вишок.
Како што објаснува претседателот на синдикатот, Роберт Богданоски, договорено е на 30-ти овој месец да почне да им се исплаќаат отпремнините што за 130 000 работници е околу 100.000 евра.
– Ветувањето од раководството на компанијата е на 30-ти овој месец, 130-те работници прогласени за технолошки вишок да добијат линеарно по 50.000 денари, а остатокот за два до три месеца. Со Владата е постигнат договор во меѓувреме да се извршат измените во Законот за технолошки вишок да бидат опфатени и овие работници, односно да има важност до 31 декември. Во тој случај работниците ќе имаат право да бидат под Бирото за вработување до пензионирање и да добиваат надомест од 34 проценти од просечната републичка плата. Во спротивно, ќе имаат право една година на надомест од околу 4.000 денари. Се надеваме дека најавата ќе биде исполнета. Инаку, добивме одобрение за технолошки вишок да бидат прогласени уште 24 работници чија постапка е во тек и ќе се одвива во декември, вели Богданоски.
Во просек сите прогласени за технолошки вишок треба да добијат отпремнини во висина од околу 1.500 евра.
Со прогласувањето на вкупно 154 работници за технолошки вишок, во компанијата остануваат околу 75 вработени. Додека оваа постапка е во тек, не се работи, зашто ќе биде неопходна реорганизација. Според Богданоски има најава дека веќе еден инвеститор бил заинтересира за „Еурокомпозит“.
– Имало еден заинтересиран инвеститор кој засега не се открива и кој ќе има обврска да ги исплати заостанатите побарувања на вработените-исплата на придонеси за шест години и заостанати 18 плати. Во меѓувреме, раководството што поскоро треба да ја изготви проценката на компанијата, изјави Богданоски.
Вработените во „Еурокомпозит“ чекаат и исплата на плата. Последната ја добиле на 27 септември.