Инсталациите на ВМРО во Србија, предводени од Борче Величковски, помогнати со целосна машинерија на владеачката Српска Напредна Странкла (СНС), со уцени, закани, притисоци и застрашувања, со обезбедени електори, главно од гласачкото тело на СНС, успеаа да ја осигуриаат само изборната листа на Величковски, се наведува во соопштението на Партијата на Македонците во Србија-СМС.
Во соопштението доставено до МИА од претседателот на СМС, Горан Илиевски, се наведува дека од другата листа што успеа да им се спротистави до последен момент, поткупени се неколку електори, со што немаше потребен број на потписи за втората листа.
„Но таа група на слободоумни македонски електори кои својот електорски статус сепак успеаа да го обезбедат, не подлегнаа на сите притисоци до последен момен, кога донесоа одлука да го напуштат гласањето во знак на револт и со тоа да не ги признаат изборите“, наведува претседателот на СМС Илиевски, додавајќи дека „со тоа е оспорен легитимитетот на Националниот совет (НС) и истиот не е признат од група на електори и од повеќе од 10 здруженија на Македонците во Србија.
„Добро е на еден куп да се видат сите што ја продадоа македонската кауза, кои со поткупувања и заради личен интерес застанаа на погрешна страна, контролирана од СНС и ВМРО инсталации.“
Во соопштението на Партијата на македонците во Србија понатаму се наведува дека „со ваквиот пристап и директното мешање на изборите за Националниот Совет, СНС изгуби голем дел од своето гласачко тело во македонскиот етникум во Србија, кој вака избраниот НС нема да го признае, а непризнавањето е побарано и од Владата на Р.Македонија, од која е побарано да застане во заштита на своето малцинство во Србија„.
Горан Илиевски наведува дека Македонците во Србија се лојални државјани и никогаш не ги издале државните интереси на српскиот народ, што го имаат докажано во изминатите времиња и со ништо го немаат предизвикано ваквиот однос од владеачката СНС, да со закани, уцени и притисоци се вмеша во изборите за НС.
„На Борче Величковски, кој само замислува дека ќе го води НС со криминал, застрашувања и закани кон сопствениот етникум, еден ден народот ќе му испорача сметка за неговото лицемерје, бидејќи тој лично знаел кој да биде застрашен и уценет и самиот делел инструкции, со што го има продадено сопствениот народ. На чест нека им е и на сите што го подржувале и следеле во овие нечесни работи, заради лични бенефити“ ,се наведува во соопштението.
Партијата на Македонци во Србија е регистрирана партија на македонското малцинство и беше единствениот субјект во Србија што излезе со став за поддршка на референдумот во Македонија и со повик до Македонците во Србија да излезат на гласање, од кои само 19 лица се пријавија да гласаат.
Во Србија пред и после неделните избори за членови на Националните совети на малцинствата преку медиумите имаше критики за вмешаност на политиката во изборниот циклус.
Во пресрет на изборите со соопштение се огласи опозицискиот „Сојуз за Србија“, кој ја обвини владеачката Српска напреда партија дека преку притисоци и незаконски дејства спроведува постапка за ставање под своја контрола на советите на националните малцинства, со што ја загрозува регуларноста на изборите.
Активистот за човекови права Аида Чововиќ вчера за ТВ Н1 изјави дека власта во Србија, „на чело со Српската напредна партија, има интервенирано за време на изборите за националните совети“, бидејќи како што оцени, националните совети „преставуваат менанизам за контрола“, додавајќи да власта „од петни жили има запнато да инсталира свои луѓе таму“.
„Националните совети всушност се претворија во полуга на власта кој ни малку не им помага на припадниците на малцинствата, туку преставуваат една нитка преку која се држат малцинските преставници“, смета Чоровиќ.
Во недела во Србија на малцинските избори, Македонското национално малцинство заедно со останатите малцинства во Србија, ги избраа членовите на новиот Национален совет, но со бојкот на дел од македонските гласачи, поради политички притисици.
Изборите за македонското малцинство се спроведоа преку електорско собрание, поради недоволниот број на запишани гласачи, на кои беа регистрирани 79 електори од 8.000 запишани македонски гласачи. На гласањето на Изборното собрание за 23 члена на НС од 79-те регистрирани, на собранието беа присатни 77 електори, а на тајното гласање за единствената листата која беше поднесена на Борче Величковски, беа присутни 68 електори од кои 61 електор гласаше за листата, а седуммина беа неважечки.
МИА и останатите медиуми по тајното гласање зедоа изјава од Борче Величковски, која во целина ја објавивме.
Исто така, пред тајното гласање беше земена изјава и од Стефан Трајковски, еден од незадоволните електори, кој во знак на протест со дел од електорите го напушти гласањето, а во изјава за МИА и МТВ, како и за српската ТВ Н 1 и Танјуг, посочи дека „18 до 20 електори го бојкотираат тајното гласање поради тоа што сметаат дека изборите не се регуларни и поради вмешаност на политиката во целиот изборен пороцес“.
Изјавата на Трајковски во целина ја преобјавуваме.
„Ние 20 електори не сакаме да бидеме дел од таквиот Национален совет во кој се преставници на владеачката политичка партија. Тоа е Национален совет во приватна режија и за интереси за едено лице и за една партија, и тој не ги застапува интересите на македонското малцинство, туку на СНС“, изјави електорот Стефан Трајковски од Панчево, барајќи притоа од македонските власти да не го признат новиот национален совет.“
До МИА дојде барање за демант Борче Величковски дека сме објавиле дезинформација, но не на неговата изјава, туку на изјавата на Стефановски (сиц!) за бројот на електори кои го напуштиле гласањето, дека не се 20,18 туку девет електори, што не ја менува суштината на правото на бојкот на електорите поради незадовството, притисоците и вмешаност на политиката во целиот изборен процес.
Националните совети во Србија, меѓу кои е и Македонскиот национален совет, е државна институција, финансирана од буџетот на Србија, преку која националните малцинства во Србија ја остваруваат својата со Уставот загарантирана самоуправа во образованието, културата, информирањето, употребата на јазикот и писмото, но не и во политиката.