Жители на Аеродром преку протест пред „Мајчин дом“ побараа да се намали катноста на девткатницата ако веќе не може целоно да сопре изградбата. Покрај градилиштето вечерва излегоа далеку помал број луѓе во споредба со претходните два протести. Оние кои дојдоа беа изненадени од малубројноста. Протестот не го обезбедуваше ниту полиција.
„Како да и било јавено на полицијата дека нема да излезат многу луѓе. На 70 – 80 илјади жители срамота е само олку луѓе да се појават“, коментираа аеродромци.
Дел од нив сметаат дека нема потреба да се протестира пред градилиштето.
„Нам ни е јасно дека инвеститорот има полно право да ја изгради зградата и немаме ништо против него. Протести треба да има пред Општината и пред два дена требаше да протестираме пред Уставен суд“, велат аеродромци.
И овој пат жителите оставија пораки на тарабите на градилиштето преку кои повикуваат на масовност на протестите и поголема храброст на жителите.
Дел од насобраните побараа оставка од градоначалникот Златко Марин револтирани од тоа што не го исполнил ветувањето дека ќе ја сопре градбата, како акт на морален чин, а дел пак се уште очекуваат тој да најде решение за трајно да сопре изградбата.
Жителите сметаат дека уште една зграда со 250 станови ќе го блокира протокот на воздухот и дополнително ќе направи хаос во веќе хаотичниот сообраќај на булеварот. Предупредија дека просторот околу „Мајчин дом“ нема капацитет да прими уште една зграда, посебно поради фактот дека се планира изградба и на нова градска болница зад деветкатницата.
Протестот беше мирен. Меѓу насобраните жители се појавија две момчиња кои извикуваа „има ли 100 луѓе овде, ако има да рушиме“, но си заминаа откако никој не одговори на нивниот повик. Жителите ги нарекоа провокатори и нагласија дека нивната цел не е да уриваат туку да остават порака и до власта и до идните инвеститори дека зеленилото треба да се заштити, а не да се бетонира.
За протестот насобраните кажаа дека немало организатор, дознале дека ќе се протестира од социјалните мрежи и од медиумите откако инвеститорот утрово продолжи со градбата по тринеделниот прекин.
Инвеститорот пак Фатмир Етеми попладнево за „Макфакс“ изјави дека организатори на протестот се советници од ВМРО – ДПМНЕ кои играат политичка игра која е далеку од грижата за здрава животна средина.
Маја Илиевска-Пачемска