ЈОРМ: Проширена истрагата против едно лице за учество во паравоени формации на ИСИС

Од:

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во рамки на истражна постапка против седум лица осомничени за активно учество во војните во Сирија и Ирак, за едно лице ја прошири истрагата за учество во паравоени формации на ИСИС, информира Јавно обвинителство на Република Македонија.

– Надлежниот обвинител во изминатиот период ги сослуша осомничените и притоа оцени дека постои основано сомнение дека осомничениот сторил кривично дело – Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации, предвидено и казниво по член 322-а ст.3 од Кривичниот законик, заради што ја прошири истрагата и донесе Наредба за спроведување на истражна постапка и за ова кривично дело. Со цел да стане учесник во паравоените формации на ИСИС, осомничениот, во точно неутврден период од 2014 до 2016 година, ја напуштил територијата на Република Македонија и заминал во Сирија. Таму, осомничениот се обучувал и учествувал во паравоените формации на ИСИС, при што како борец бил заробен од страна на Сириските демократски сили и затворен во Дирек воениот затвор во Ал-Маликијах во провинцијата Ал-Хасака во Сирија, се вели во соопштението од ЈОРМ.

ЈОРМ, потсетува дека за пет лица од седуммината кои во моментов се во притвор, а кои во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили, во месец август оваа година, беа лишени од слобода, се водат истражни постапки во рамките на претходните акции познати во јавноста како „Ќелија 1″ (август 2015) и „Ќелија 2″ (јули 2016). Четири лица од притворените се дел од истражната постапка во предметот „Ќелија 1″, а осомничениот, за кој се проширува истрагата е од постапката во предметот „Ќелија 2″. При спроведувањето на тогашните акции овие лица беа недостапни на органите на прогонот и за нив беа активни национални и меѓународни потерници.

Откако во септември 2014 година е донесен Законот за изменување на Кривичниот законик и беа создадени законски услови, предметот познат во јавноста како „Ќелија 1″, беше прв поведен случај во Република Македонија против лица кои заминуваат во странски војски и се борат на воените жаришта на Блискиот Исток. Во овој предмет обвинителството за првпат гонеше 36 лица за сторено кривично дело – Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации, од член 322-а од Кривичниот законик. Во спроведената акција, 11 лица беа лишени од слобода и притворени, а останатите 25 беа недостапни за органите на прогонот.

– Во текот на 2016 година, беше поднесен обвинителен акт за 11 лица, по што, на Јавната седница за оцена на обвинителниот акт, шестмина обвинети изразија подготвеност за признание на вина и побараа спогодба со обвинителството. Основниот суд Скопје 1 – Скопје, ги прифати спогодбите со обвинителството и шестмината осомничени ги прогласи за виновни изрекувајќи казни затвор определени во постигнатите спогодби во траење од 5 години до 5 години и 6 месеци. Останатите петмина кои не признаа вина на главната расправа пред судот, истакнаа дека се чувствуваат виновни и ги признаа делата што им се ставаат на товар. На 18 мај 2016 година, за обвинетите беа изречени казни затвор во траење од 2 години до 4 години и 6 месеци. Незадоволно од одмерените казни, обвинителството до Апелациониот суд – Скопје вложи жалби, кои на 6 февруари 2017 година, беа уважени и обвинетите се осудени на казни затвор во траење од 3 години до 6 години и 6 месеци. Во меѓувреме, врз основа на распишаните национални и меѓународни потерници, двајца осомичени беа екстрадирани од Косово, еден од Република Албанија и еден осомничен беше лишен од слобода во Република Македонија. Со овие лица, обвинителството склучи спогодби и лицата беа осудени на казни затвор од 1 до 3 години, се наведува во соопштението.

ЈОРМ, наведува дека седуммината опфатени во акцијата „Ќелија 2″, меѓу кои е и осомничениот за кој се проширува истрагата, се товарат за сторено кривично дело – Терористичка организација по чл.394-а ст.2 од Кривичниот законик. Во акција спроведена на седум локации во Скопје и Тетово, на 9 јули 2016 година, во раните утрински часови, беа уапсени четири лица – поранешни припадници на ИСИС, а подоцна беше лишено од слобода уште едно лице. За останатите три лица се распишаа национални и меѓународни потерници. Обвинетите во овој предмет се припадници на терористичка организација „Исламска држава”. Тројца од нив, во повеќе наврати учествувале во терористичките напади во околината на Дамаск, како и на воената база во близина на Алепо, додека останатите биле дел од терористичките напади на градот Деризор, воената база Рака, официјалниот граничен премин помеѓу Сирија и Ирак, како и нападот на воздухопловната база во Ирак, а исто така објавувале и снимки од погубување на околу 50 затвореници. Во октомври 2016 година, петмината обвинети ја признаа вината што им се става на товар и склучија спогодби со обвинителството со кои се осудени на казна затвор од 2 години и 4 месеци до 2 години и 8 месеци.

Би можело да ве интересира

ОЈО: Двајца пензионирани полицајци и уште едно лице оддавале тајни на организираната криминална група „Дуќанџик“

Известување за притисок врз скопското вишо јавно обвинителството доставено до Советот на јавни обвинители

Обвинителство: Материјалот за случајот со поранешната министерка за култура е пристигнат и се проучува

ОЈО доби ново одделение за сериозен и сложен криминал

Претреси за финансиски криминал на повеќе локации

Предраг Петровиќ

ОЈО: Маж од скопското село Грчец и се заканувал на новинарка

Горан Наумовски