Историскиот состанок меѓу српскиот и косовскиот претседател, Томислав Николиќ и Атифете Јахјаг, кој со посредство на шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон вечерва се одржа во Брисел, заврши неславно, јави дописникот на МИА од Брисел.
Долгоочекуваната средба меѓу првите луѓе на двете држави, според Николиќ е завршена со негово инсистирање дека Косово не е независна држава, додека Јахјага инсистирала на тоа дека се работи за две рамноправни и самостојни држави.
Во изјава за медиумите по средбата, српскиот претседател посочи дека дијалогот Белград-Приштина што го форсира Европската унија е доведен во прашање бидејќи не може според барањето на Јахјага, две независни држави да преговараат, оти според Уставот на Србија, Косово не е независно, туку дел од српската територија.
Од канцеларијата на Ештон информираа дека високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија се сретнала со првите луѓе на Србија и Косово со цел „нормализација на односите меѓу двете страни“.
Оттаму потенцираат дека Ештон прво имала одвоени, а потоа заедничка сребда со Николиќ и Јахјага кои, според неа, минале во отворена и конструктивна атмосфера.
– Дискутиравме за дијалогот што се одвива меѓу премиерите Ивица Дачиќ и Хашим Тачи што јас го олеснувам, а кој веќе продуцираше со бројни впечатливи придобивки, благодарение на конструктивната посветеност од двете страни. На денешниот состанок беше отвореное прашањето за Северно Косово и претстојните недели ќе бидат критични. Двајцата претседатели ме уверија дека ќе продолжат со својата посветеност и поддршка на дијалог во рамки на нивната европска агенда, изјави Ештон.
Таа ја потврди европската перспектива за Србија и Косово и ги охрабри двете земји да продолжат со напорите што се потребни за понатамошен прогрес кон Европската унија во контекст на заклучоците на последниот Самит на Европскиот совет.
Според Николиќ, пак, состанокот, како чин за негово запознавање со Јахјага, сепак бил корисен. Но, тој потенцира дека не постојат заеднички теми за кои би можеле да разговараат и да најдат заедничко решение.
– Овде бевме рамноправни. Ова е отворање на ново поглавје на нашиот пат кон евроатлантските интеграции, посочи косовската претседателка Јахјага.
Она што е интересно на овој состанок не беше дозволено никакво снимање ниту заедничка или издвоена прес-конференција на некој од партиципиентите. Николиќ и Јахјага тоа го сторија издвоено за медиумите и новинари од своите земји, а единствено официјално Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) објави соопштение и слики по средбата.
Сепак, она што е најважно за Европската унија е што со седнувањето на иста маса на челниците на овие две држави, на еден начин доаѓа до неформално признавање меѓу двете држави, што српската страна не сака да го признае.