Германската канцеларка, Ангела Меркел им пренела на првите луѓе во нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ) дека нема повторно да се кандидира за претседател на партијата на изборната конференција што ќе се одржи во декември, јавува „Ројтерс“.
Според новинската агенција, која се повика на извор од ЦДУ, со одрекувањето на Меркел од претседателската функција ќе започне трката за наследник на местото на германската канцеларка.
„Блумберг“ јави дека веднаш по објавувањето на веста во Берлин, бил забележан пад на еврото на берзата.
„Билд“ пишува дека Меркел знае да ги чита знаците, па проценила дека е време некој друг да ја води „локомотивата Европа“.
На вчерашните регионалните избори во земјата, во покраината Хесен конзервативната Христијанска демократска заедница (ЦДУ) и Социјалдемократската партија на левиот центар доживеаја значителен пораз, додека Партијата на зелените и екстремно десничарската Алтернатива за Германија бележат подобри резултати. Во последните месеци, ЦДУ и СПД ја губат поддршката на национално ниво, а коалицијата речиси дојде до колапс. Изборите во Хесен се само две недели по оние во Баварија, каде партијата на Меркел претрпи огромни загуби.