Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се обрати на Форумот на спортски новинари од Југоисточна Европа, кој од вчера започна во Охрид.
Во своето обраќање, премиерот Заев посебно ја нагласи посветеноста на оваа влада во развојот и поддршката на спортот, издвојувајќи ги како најзначителни проекти ваучерскиот систем за развој на спортот и изградбата на Дом на спортовите, кој ќе обезбеди услови за непречено функционирање на сите Национални спортски федерации.
„Дозволете да ви се заблагодарам што го овозможивте ова прекрасно дружење и со нас, политичарите, одговорни да даваме прилог за спортот, мотивирајќи и за вас, спортските новинари, нови можности за убави коментари и ширење на оваа прекрасна дејност од нашето општествено живеење.
Ви благодарам што ја избравте Македонија, и што го избравте нашиот и ваш Охрид, да токму овде, се случи овој настан.
Југоисточна Европа го смени своето лице, градејќи пријателство, градејќи можности за соработка. И оваа ваква конференција, Самит на спортските новинари на Југоисточна Европа, е уште прилика да се издебатира соработката и да издимензионираат нови перспективи во спортот.
Дозволете ми да ја искористам како прилика, пред вас новинарите, да ве информирам за нашите нови преокупации поврзани со спортот, за да можете и подетално и посуштински да ги разберете.
Владата е силен поддржувач на спортот и ќе продолжиме и понатаму со сите политики на поддршка на спортот.
Новините кои што ги разработуваме и кои треба да отпочнат да се применуваат од јануари 2019 година, е воведување на таканаречените спортски ваучери, каде што дополнително 6 милиони евра ќе вбризгаме, за поддршка на севкупниот спорт во Република Македонија.
Во новиот буџет за 2019 година ги предвидовме првите финансиски средства за изградба на Дом на спортовите, каде што ќе бидат вдомени сите спортски федерации. Локацијата е обезбедена, со проект од дваипол милиони евра, финансиран директно од буџетски средства, секако потпомогнат и од Олимпискиот Комитет.
Исто така, она што ми е важно, е дека Агенцијата за млади и спорт, продолжува и понатаму со сериозна поддршка во севкупниот спорт во Република Македонија, поради тоа што веруваме дека ако спортот оди напред, тоа е доказ за растот и развојот на државата.
Голем дел од вас новинарите се секојдневно поврзани, преку коментарите, преку следењето на сето она што значи развој на спортот, и сакам да ви се заблагодарам за вашата благородна дејност и професија која што ја имате. Продолжете да ја негувате оваа голема љубов која што ја имате преку спортот.
Јас, како политичар, имам работа повеќе со политичките новинари, но она што морам да го кажам, е дека, ако ние сите, навистина професионално си ја извршуваме својата дејност, амбиентот и во Југоисточна Европа, и во нашите земји, ќе биде подобар, помотивирачки, подостоинствен, за севкупно живеење.
На крајот сакам да им се заблагодарам на сите добитници на награди. Не е лесно да го посветите времето, да го одделите буквално од душата и да го дадете на спортот.
Сакам да им се заблагодарам и да ги поттикнам и понатаму да ја даваат својата поддршка во спортот, поради тоа што поддршката во спортот навистина значи квалитетни, но и здрави генерации на млади луѓе, кои понатаму стануваат и сериозни наши општественици“, рече Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на Форумот на спортски новинари од Југоисточна Европа, кој од вчера започна во Охрид.