За време на преговорите за буџетот на ЕУ за следните седум години Чешка ќе се обиде да биде овозможено Данокот на додадена вредност (ДДВ) да биде вклучен во европските проекти меѓу т.н прифатливи трошоци, за да може земјата да добие од ЕУ буџетот што повисока сума. Сегашниот предлог е неприфатлив за Чешка.
Ова е дел од говорот на чешкиот премиер Петр Нечас пред членовите на парламентарната Комисија за европски прашања, пред состанокот на Европскиот совет следните денови во Брисел, јави дописникот на МИА од Прага.
Нечас додаде дека ЕУ ќе разговара за намалување на речиси билионскиот буџет за 20-30 милијарди евра, додека земјоделската политика треба да остане непроменета.
– Чешка во вкупната распределба не може да ја добие истата сума на средства, оцени Нечас.
Тој смета дека целта е Чешка, според износот на доделени средства распределени по глава на жител, да биде приближно на шестото место меѓу земјите членки на ЕУ.
– Убеден сум дека буџетот на ЕУ треба да биде алатка на солидарност со помалку развиените, но не треба да биде алатка за солидарност со оние кои се помалку одговорни, рече премиерот.
Според Нечас се планираат шест милијарди евра заштеда во европската администрација.