Земјите членки не смеат да го забранат глифосатот, супстанца за која постои сомнеж дека е канцерогена, одлучи денеска Европската Комисија.
Оваа одлука доаѓа откако белгискиот регион Брисел воведе забрана за овој производ како принцип на внимателност поради сомнежите на дел од научната јавност. Европската Комисија денеска порача дека одлуката на Брисел се заснова на „апстрактни консидерации“.
Регионот Брисел, кому му припаѓа главниот град на Белгија, сметаше дека забраната на глифосатот е оправдана поради недостатокот на консензус на научната јавност за канцерогеноста на производот, но европските власти порачаа дека не постојат доволно докази да се смета производот како канцероген.
Регионот Брисел во мај годинава отвори судска процедура пред Европскиот Суд за Правда против Европската Комисија откако европските власти одлучија минатата година да ја продолжат авторизацијата за глифосатот за дополнителни пет години.
Глифосатот е главниот производ кој се користи во хербицидот “Раундап“ на Монсанто. Суд во САД неодамна го осуди Монсанто на 289 милиони долари отштета за Двејн Џонсон, оценувајќи дека ракот од кој боледува Џонсон делумно се должи на Раундапот кој го користел.
Европската Унија требаше да ја продолжи авторизацијата за глифосатот на десет години, но поради бурата во европската јавност земјите членки ја скратија авторизацијата за пет години.