Денеска градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, присуствуваше на втората „Текстилијада“ за 2018 година која се одржува денеска и утре, под мотото „Културата и младите за промени“ – преку културата и уметноста до социјален дијалог.
Градоначалникот Бочварски присуствува во делот „Иднината во нашите очи“ – Позитивни примери за промени, во којшто учесниците дискутираа дали работодавачот може да ги почитува работничките права и законски регулативи, а сепак да оствари доволно профит. Покрај градоначалникот Бочварски, кој беше домаќин на дебатата, како панелисти присуствуваа и министерот за финансии, Драган Тевдовски, и градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илиев.
Градоначалникот Бочварски истакна дека за секоја добра локална власт, значајно е да има добро развиена локална економија, којашто придонесува кон поголем напредок на заедницата. Добро развиената локална економија подразбира почитување на работничките права и задоволни работници.
„Јас како градоначалник секогаш се интересирам за да имаме добри услови за работа на територијата на општината која ја водам. Согласно моите ингеренции, оваа година одвоив средства од буџетот на Општина Штип и токму со тие средства овозможи ме поддршка и за здружението кое го организира денешниот настан,“ истакна градоначалникот Бочварски.
Градоначалникот Бочварски посочи дека кога станува збор за придонес што Општината го прави во насока на развој на локалната економија, најважниот чекор кој Општина Штип го презема во овој момент е гасификацијата.
Токму тоа им оди во прилог на вработените, затоа што со гасифицирање на фирмите, месечните трошоци на фирмите се намалуваат според некои проценки и до 70%. Намалени трошоци значат зголемен износ на финансии со кои фирмите располагаат, а тоа значи и зголемени плати за работниците, поголема ефикасност во работењето и создавање позитивна работна атмосфера во која се почитуваат работничките права. На овој начин Општината го остварува својот влог во унапредувањето на работничките права.