о Музејот на Град Скопје вечер од 20 часот ќе почне фестивалот „Златна лира“ кој го организира Сојузот на музичките уметници на Македонија-СМУМ.
Со камерен концерт фестивалот ќе го отоврат флејтистот Страшо Темков и гитаристот Миле Каровски, кои ќе изведат дела од Иберт, Марино, Пјацола, Боса, Барток.
Страшо Темков е еден од најуспешните музички уметници од својата генерација, кој со својата многустрана уметничка дејност ја промовира и зацврстува традицијата на интерпретација на дувачки инструменти во Македонија. Работи како професор по флејта на ФМУ во Скопје, каде е основач на квартетот флејти „Аулос“. Во 2017 година му беше доделена наградата „Златна лира“ за врвни уметнички достигнувања.
Миле Каровски учествувал на голем број меѓународни натпревари по класична гитара и добитник е на повеќе први награди и признанија. Во 2007 година е прогласен за апсолутен победник на натпреварот „Со крилјата на музиката“ во Софија. Каровски е активен учесник на концертната сцена во Македонија и Бугарија.
Фестивалот „Златна лира“ е меѓународен, основан пред 12 години со цел да промовира и афирмира високи музички вредности. Секоја година учествуваат врвни уметници од различни земји и се реализираат соработки и проекти со повеќе музички асоцијации од Европа и светот. Влезот за концертите на фестивалот е слободен.