Домаќинот на претстојното Европско првенство во кошарка, кое од 4. до 22. септември годинава ќе се одржи во Словенија, ги објави цените на билетите за сите фази од натпреварувањето.
Според она што денеска го објави Организацискиот одбор на Евробаскетот, билетите за првата групна фаза, кои ќе се играат во Јесенице, Љубљана, Целје и Копар, ќе можат да се купат по цена од 15, 25 и 35 евра.
Втората фаза значи преселба во новата арена “Стожице“ во Љубљана, во која ќе настапуваат сите екипи кои ќе обезбедат пласман од своите групи. Таму сите влезници се поделени во седум категории и ќе се движат од 17 за најлошите до 55 евра за најдобрите места.
Четвртфиналните дуели ќе можат да се гледаат во живо за најмалку 19, а најмногу 75 евра, додека билетите за полуфиналето ќе се движат од 25 до 120 евра. Присуството на битката за бронзениот медал ќе чини од 30 до 150 евра, додека за финалето ќе треба да се платат најмалку 35 евра. Најдобрите места за борбата за златниот медал ќе чинат по 180 евра.
Најефитниот билет на Евробаскетот ќе изнесува 4 евра, а со него ќе може да се присуствува на натпреварите во битката за пласман од петтото до осмото место.