Светиот синод на Руската православна црква (РПЦ) на денешното заседание во белорускиот главен град Минск, донесе одлука за целосен прекин на евхаристичката комуникација со Цариградската патријаршија.
– На заседанието на Светитиот синод беше донесено решение за целосен прекин на комуникацијата со Цариградската патријаршија, изјави по седницата раководителот на Одделот за надворешни црковни врски на РПЦ, митрополитот волоколамски Иларион.
Според Иларион, Синодот оценил дека во сегашните услови невозможна е понатамошна евхаристичката комуникација на РПЦ со Цариградската патријаршија.
Одлуката на РПЦ следи откако во четвртокот Цариградската партијаршија соопшти дека почнала процес за давање независност на црквата во Украина од Руската православна црква.
Цариградската патријаршија реши да ја укине одлуката од 1686 година, со која Киевската митрополија и е предадена на Московската патријаршија. Со укинување на таа одлука Цариградската патријаршија полага право на црквата во Украина.