Шилегов дозволил 12 рати за плаќање на комуналиите за деветкатницата кај „Мајчин дом“

Од:

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов му дозволил на инвеститорот на деветкатницата кај „Мајчин дом“ комуналиите да ги плати на 12 рати. За уплатените средства и за можноста трајно да се сопре изградбата на објектот, попладнево треба да расправа Советот на Општина Аеродром на вонредна седница.

Инвеститорот, Друштвото за градежништво, проектирање, инженеринг, трговија и услуги „ЗСФ-ком“, на Градот треба да му плати 64.527.333 денари или приближно 1,049 милион евра како надомест за уредување градежно земјиште. Градските власти пресметале дека инвеститорот на Општина Аеродром, на чија територија е деветкатницата што аеродромци не дозволуваат да се гради, треба да ѝ плати 23.464.327 денари. Без да го плати надоместокот, инвеститорот не може да добие одобрение за градење. Одобрението му е веќе издадено, а инвеститорот договорил со Град Скопје отплатата на комуналиите да биде на рати.

„Ние како институција, само ја изготвуваме пресметката за надомест за уредување градежно земјиште, популарно наречено комуналии. Во однос на конкретниот проект, на Град Скопје му припаѓаат 60 проценти од вкупниот надомест за уредување градежно земјиште, а на Општина Аеродром ѝ следуваат 40 проценти. На Град Скопје во конкретниот пример му следуваат 64.527.333 денари. Плаќањето е на рати, и тоа првата рата 29.358.200 денари, и втората околу 4.106.285 денари, а остатокот ќе се доплати на 10 рати“, велат од одделението за односи со јавност на скопскиот градоначалник.

Од Општина Аеродром, од каде што е издадено одобрението за градење на деветкатницата, велат дека инвеститорот го уплатил целиот износ за комуналиите.

„Комуналиите уплатени од посочениот инвеститор за објектот пред ‘Мајчин
дом’ се во износ од 23.464.327 денари“, кусо одговараат од Аеродром на прашањата за комуналиите за деветкатницата.

„ЗСФ-ком“ има одобрение да изгради објект висок 30 метри, со приземје, осум ката и потпокрив и со бруто-површина од 20.000 квадратни метри на парцела со површина од 3.538 квадратни метри. Архитектите велат дека на одобрената површина може да се сместат околу 250 стана. Инвеститорот не го покажа проектот, слика од новиот објект нема на информативната табла на градилиштето.

Денес попладне, на вонредна седница, Советот на Општина Аеродром ќе бара начин за трајно да ја сопре градбата. Градоначалникот Златко Марин веќе извести дека евентуално обесштетување со пари на инвеститорот би значело од општинската каса да се издвојат 8-10 милиони евра, но најави дека е подготвен заедно со граѓаните и со советниците да се обиде да најде начин градбата да не се реализира.

Изградбата на деветкатницата беше стопирана во средата кога инспектори од Општината утврдиле недостатоци на градилиштето. Забраната е на 15 дена, рок во кој градоначалникот Марин се надева дека ќе најдат начин за трајно стопирање на објектот. Против изградба на зградата жителите на Аеродром органзираа протести и бараа градоначалникот итно да ја сопре изградбата која почна во понеделникот.

Истиот инвеститор има уште две парцели во близина на „Мајчин дом“. Едната е поврзана со парцелата за деветкатницата покрај „Мајчин дом“ со површина од 1.495 квадратни метри, а другата е полјаната меѓу училиштето „Ѓорѓија Пулевски“ и црвените кули со површина поголема од онаа за деветкатницата, односно 3.674 квадратни метри.

Од Аеродром велат дека на парцелата покрај „Мајчин дом“ поврзана со парцелата со деветкатницата во планот е предвиден паркинг, а на полјаната кај „Ѓорѓија Пулевски“ не може да се гради оти и покрај тоа што е приватно земјиште, во планот е предвидено блоковско зеленило.

Жителите на Аеродром стравуваат дека и на полјаната ќе се појави зграда и не веруваат на објаснувањата од Општината дека не може да се гради наведувајќи го како аргумент фактот што и деветкатницата до лани во април беше приватна парцела на која беше предвидено зеленило.

Планот И 10, усвоен лани во април, кој предвидува низа градби за кои жителите на Аеродром неколкупати досега се изјаснија дека не дозволуваат да се изградат, денес ќе биде на дневен ред на вонредната седница на Советот. Предвидените градби жителите ги нарекоа еколошка катастрофа, но сите нивни обиди да се тргнат од планот завршија без успех.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

Ристески: Цели 3 години ВМРО ДПМНЕ во Аеродром потроши на лаги, изговори и празни ветувања

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ го укина бесплатното пливање за првачињата и децата со попреченост во Аеродром

Левица: ДПМНЕ шверцерски протна две нови висококатници во Аеродром

Обид за убиство во Аеродром, двајца насилници раниле познаник

СДСМ: Ништо од ветената модернизација на училиштата во Аеродром

Лажна дојава за бомба предизвика паника во аеродромските згради во Кошице и Попрад

Горан Наумовски