Утринава вниманието на скопјани го привлече звукот на сирените на противпожарните возила кои итаа кон трговскиот центар „Скопје Сити Мол“.
Случајните минувачи, луѓето кои брзаа на работа, имаа можност да бидат сведоци на можеби една од најголемите противпожарни вежби кај нас.
Целта на вежбата била да се тестира системот за заштита и спасување на трговскиот центар.
– Противпожарната вежба којашто ја изведовме е во согласност со одредбите од Законот за заштита и спасување. Овие вежби се одличен начин да се тестираат протоколите за реакција во кризни ситуации. Сите релевантни страни инволвирани во оваа вежба, докажаа дека се на висина за справување со задачата, изјави инструкторот во Дирекцијата за заштита и спасување, Слободан Вуковиќ.