Подигање на јавната свест за правата и обврските на граѓаните околу достапноста на здрава вода за пиење, како и за нејзината цена беше главна цел на денешната активност на Центарот за еколошка демократија Флорозон од Скопје и Институтот за развој на заедницата од Тетово што го организираа во центарот на Тетово.
Според Наташа Сердаревиќ од Флорозон околу 30 невладини организации од македонија веќе се дел од Национална хидро мрежа што треба да им овозможи на граѓаните непосредно да учествуваат во креирањето на водните политики односно при креирање на цената на водата за пиење и нејзиното управување.
– Ова е петта ваква активност во Македонија во рамките на овој проект. Главната цел е на овој начин преку НВО секторот граѓаните да можат да учествуваат на работните сесии во надлежните тела и органи околу водните реформи, како и во работата на Регулаторната комисија каде се одредува цената на водата за пиење во општините низ Македонија рече Сердаревиќ.
Таа посочи дека во земјава водата не се користи рационално и на тоа поле има голем простор за дејствување што е и една од целите на проектот што го спроедуваат односно да се подигне свеста на граѓаните рационално да ја користат на водата за пиење.
Центарот за јавно здравје од Тетово информираше дека водата од тетовскиот градски водовод е хемиски и бакетриолошки исправна за пиење додека невообичаениот вкус и мирис што го има во изминатите денови е последица на тоа што во површинските води од каде се снабдува градскиот водовод е зголемено нивото на лисја и друга вегетација. Слична ваква состојба со водата имаше и лани во приближно истиот период, но и тогаш по испитувањата немаше воочено никакви загадувања на водата.