И по неуспехот да ја сопре изградбата на деветкатницата кај „Мајчин дом“, градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, нема да поднесе оставка како што бараат граѓаните бидејќи ги исцрпел сите правни можности за да ја сопре градбата, но вели дека е на страната на жителите. Тој објасни дека во моментот нема можност да сопре градењето на девткатницата.
„Заедно ја почнавме битката, заедно ќе ја продолжиме, поднесени се 13 претставки до Уставниот суд за овој објект, таму зграда не треба да има. Од судот нема никаква одлука“, рече градоначалникот Марин и повтори дека претходната влада ненајавено и без дебата го донела урбанистичкот план И-10.
На прашањето зошто не ги применил советите што и самиот му ги даваше на претходниот градоначалник Ивица Коневски, сопственикот на парцелата да се обесштети со пари или да му се понуди нова локација, Златко Марин одговори дека тоа е прескапо.
„Во неформален разговор утврдивме дека цената на парцелата е два милиона и седумстотини евра, а на тоа треба да се додаде и профитот што би го имал доколку би изградил зграда, што за Општината беше прескапо. Се работи за бројка што би достигнала 8-10 милиони евра. Тоа е огромна сума што ќе ја блокира Општината на најмалку 4 години“, рече градоначалникот Марин.
За да не се повторуваат вакви градби во општината, тој најави формирање совет за урбанизам во Општина Аеродром, во кој ќе членуваат експерти за урбанизам, планери и граѓаните.
Градоначалникот го поддржа протестот, но на прашањето дали и тој ќе излезе да протестира, рече само дека е подготвен по завршување на протестот, да прими во Општината претставници од граѓаните за разговараат за проблемот.
Маја Илиевска-Пачемска