Со дефиле на готвачите, судиите и домаќините по улицата на струмичкото корзо и заедничка фотографија на плоштадот беше означен почетокот на третото издание на Меѓународниот гастрономски натпревар „ГастроМак Македонија 2018“.
Дефилето заврши пред хотелот „Вила Парк“, каде во наредните три дена готвачи од над 30 земји од целиот свет ќе ги презентираат свите кулинарски вештини.
„ГастроМак 2018“ за отворен свечено го прогласи Исток Легат, претседател на Судискиот одбор на натпреварувањето, а пред присутните се обрати Адријана Алачки, претседателка на „ГастроМак“.
– Ги поканувам сите заинтересирани да дојдат, во живо да ги видат големите гастрономски мајстори и да вкусат од нивните јадења. Поттикнати и охрабрени од извонредните реакции од светските гастро-авоторитети за организацијата од минатата година, задоволство ми е да најавам дека и оваа година настанот го носиме на рамниште погоре, рече Алачки.
Учесниците на третото издание на оваа манифестација ги поздрави и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
– Убавите нешта треба да се повторуваат. Затоа овде и сега ни се случува третото издание на Интернационалниот гастрономски натпревар „ГастроМак 2018“ и тоа втор пат едно по друго во нашата Струмица, истакна Јаневски.
На „ГастроМак 2018“ учествуваат 300 готвачи, над стотина врвни светски судии, мастерклас предавачи и почесни гости, од над триесетина земји од цел свет: од Монголија и Кина, Индија и Кореа, до Мексико.