Поранешниот шеф на израелското воено разузнавање Амос Јадлин изјави денеска дека Иран би можел да изгради нуклеарно оружје за четири до шест месеци.
Јадлин вели дека Иран ги има сите елементи потребни за изградба на атомска бомба, и дека од моментот кога ќе одлучи да го направи тоа, ќе му требаат меѓу четири и шест месеци за да ја заврши.
Јадлин оваа проценка ја соопшти на прес-конференција на која ја претстави стратешката перспектива на националниот институт за безбедносни студии во Тел Авив, на чие чело е.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, претходно изјави дека Иран би можел да го премине прагот до пролет или лето, кој Израел не би можел веќе да го толерира.
Израел во неколку наврати навестуваше дека би можел воено да интервенира доколку е потребно, за да се запре иранската нуклеарна програма.
Техеран ги негира тврдењата на Израел и западот дека неговата нуклеарна програма е насочена кон производство на оружје, туку тврди дека има исклучиво мирољубиви цели.