Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе добие дополнителни 10 милијарди долари од Русија за зголемување на резервите на институцијата за справување со кризата, изјави денеска Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин.
Според Песков, Русија се придржува до ставот дека сега практично станува збор за зголемување на обемот на ликвидноста што се внесува за борба против кризата, што ги отстранува симптомите на болеста, но не е системско решение.
„Руската страна посочи дека со издвојувањето на оваа сума, Русија очекува, како и останатите земји кои одвојуваат средства за ММФ, дека ќе има можност да влијае на тоа како ќе се трошат тие пари. Нагласена е потребата од изнаоѓање долгорочен пристап, способен да ги реши длабоките проблеми“, нагласи Песков.