Советот на Град Скопје на следната седница ќе одлучува за враќање на името Универзална сала на Конгресниот центар „Александар Македонски“ – Скопје.
Името на Универзална сала беше сменето од претходната градска администрација, како дел од пакетот реконструкција на Универзалната сала, кој до сега не е реализиран.
Според скопскиот градоначалник Петре Шилегов, реконструкцијата на Универзална сала како симбол на солидарноста во изминатите години беше само предмет на манипулација од претходната власт.
– Од сите предизборни ветувања за изградба на нова сала, беше реализирано само преименувањето на овој објект. Предизборните ветувања се провлекуваат уште од 2009 година. Ниту претходната локална, ниту претходната централна власт не направија напори да изградат нова сала. Години наназад никој не инвестираше во овој објект. Години нанзад Универзална сала пропаѓа, изјави Шилегов за МИА.
Пред пет месеци градоначалникот Шилегов потпиша писмо за намери со Министерството за култура преку кое се дефинираат активностите за унапредување на културата на подрачјето на Град Скопје преку заедничко финансирање на изградбата на Универзална сала.
Според Шилегов, Универзална сала треба повторно да претставува културно средиште на нашиот град. Изгледот и функционалноста ќе бидат задржани, со дополнителни содржини за други културни манифестации.
На влезот на Универзална сала стои плочата на која се испишани 35-те земји кои помогнале во нејзината изградба по скопскиот земјотрес од 1963 година. Последната реченица гласи „Овој објект ќе остане како траен симбол на меѓународната човечка солидарност во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година.“