Министерката за правда Рената Дескоска денеска и утре учествува на Министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ – Западен Балкан, што се одржува во Тирана, Република Албанија, под покровителство на Австриското претседателство со Европската Унија.
Првата сесија на која ќе учествува министерката Дескоска е „Јакнење на владеењето на правото – унапредување на стандардите во судството”. Во фокусот на оваа сесија ќе бидат ефикасноста и квалитетот на правосудниот систем.
Како што информираат од Министерството за правда, Дескоска ќе учествува и на втората сесија за „Влијанието на реформите во правосудството врз ефикасноста, квалитетот и независноста на правосудните системи – индикатори за мерење на напредокот”, чиј фокус ќе бидат следењето на влијанието на реформите во правосудството.