Делата создадени на 55-тата Струмичка ликовна колонија вечерва ќе бидат претставени во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“. Кумановци ќе имаат можност да проследат 30-тина слики и два мозаика кои ги изработија 16 уметници од повеќе држави, Македонија, Бугарија, Русија, Србија, Турција, Романија.
„Сликите се работени во техника масло на платно, авторите имаат сопствени стилови и говорат со свој специфичен јазик, а инспирирани се од непосредното опкружување на Струмица и околината“, изјави Роберт Цветковски, историчар на уметност од Центарот за култура.
Струмичката ликовна колонија е една од најстарите во државата со учество на бројни уметници од светот. Изложбата ќе биде поставена се до завршувањето на Меѓународниот фестивал Денови на комедија во Куманово.