Претставници од локалната самоуправа, делегација од Советот на Општина Битола, претставници на организаторот и дел од гостите на ИФФК „Браќа Манаки“, како и претставници на Комуната на Власите – Арманите и на Фестивалот на аматерски документарен филм „Камера 300“, денес положија свежо цвеќе на гробот на Милтон Манаки, на Влашките гробишта во Битола.
На овој начин, како и секоја година за време на фестивалот „Браќа Манаки“, им беше оддадена почит на првите сниматели на Балканот, браќата Милтон и Јанаки Манаки. Присутните гости од останатите земји беа запознати со биографијата на браќата Манаки, нивниот филмски опус и историското значење на нивните филмски записи. Градот Битола, благодарејќи на браќата Манаки, денес го има првиот светски фестивал наменет за кинематограферите, по што е препознатлив во светот на филмската уметност.