ЦИА се враќа кон „традиционалната шпионажа“

Од:

Гласот на Америка – Вашингтон

Главната шпионска агенција на САД се подготвува да го засили своето присуство ширум планетата, со цел да ги елиминира  т.н. „разузнавачки дупки“ и да одговори на се поголемата закана од страна на големите сили. како што се Русија и Кина.

Директорката на ЦИА Џина Хаспел ваквиот пресврт од контратероризмот кон традиционалната шпионажа против одделни држави го нарече стратешки приоритет, наведувајќи дека потребата за добивање подобри разузнаваки податоци за сегашните и потенцијалните американски ривали, претставува  едно од „најтешките прашања“ со кои се соочува Агенцијата.

– Го зголемуваме фокусот на противниците од држави-нации, изјави Хаспел во обраќањето на својот некогашен факултет на Универзитетот „Луисвил“, во својот прв јавен настап откако во мај ја презеде функцијата директорка на ЦИА:

Таа исто така најави дека е подготвена „да го зголеми бројот на агенти стационирани во странство“.

– Поголемото присуство во странските земји овозможува посилна и подобра позиција, изјави Хаспел. Во рамките на таа иницијатива Хаспел наведе дека ЦИА се надева дека ќе регрутира  поголем број говорници на странски јазици, пред се, оние кои течно говорат кинески, арапски, фарси, турски, француски и шпански јазик.

Таа исто така наведе дека разузнавачката агенција „ќе соработува поблиску, како никогаш досега, со своите сојузници ширум светот“.

Ваквите коментари на Џина Хаспел ги одразуваат приоритетите кои кон крајот на минатата година беа наведени во обемната американска Стратегија за национална безбедност, која предвидува одговор на Вашингтон на потезите на различни непријатели чија цел би била промена на глобалната рамнотежа на силите на штета на САД.

Загриженост поради Кина

Директорката на ЦИА посебна загриженост изрази во врска со Кина, за која рече дека „работи на тоа да го намали американското влијание со намера да ги спроведе сопствените цели.

– Многу внимателно ги следиме настаните кои ни изгледаат како обид на Кина да го прошири своето влијание надвор од сопствениот регион на места како што се Африка, Латинска Америка, островите во Пацификот и Јужна Азија, изјави Хаспел.

Таа нагласи дека САД се „загрижени поради некои тактики што ги користи Кина, нудејќи им на сиромашните држави инвестиции и кредити кои тие земји можеби не ќе можат да ги вратат“.

– Сакаме тие земји да бидат свесни за сопствениот суверенитет и дека странските инвестиции во нивната структура и инфраструктурата поврзана со националната безбедност можат во еден момент да доведат до загрозување на тој суверенитет, порача директорката на ЦИА.

Приоритети на ЦИА

Хаспел изнесе неколку приоритети на нејзината агенција.

Разновиден персонал: Хаспел истакна дека уште во времето кога работела во ЦИА кон крајот на 80-тите години на минатиот век тоа било „организација со целосна доминација на мажите“.

– Никого не треба да изненади тоа што еден од моите главни приоритети од кога станав директорка е да се борам за различност и инклузивност. Нашата глобална мисија во ЦИА бара да ги регрутираме и задржиме најдобрите и најперспективните луѓе што Америка може да ги даде без разлика на полот, расата или културното потекло, изјави таа.

Наркотици: ЦИА ќе вложи значително повеќе средства за спречување на трговијата со наркотици во странство, најави Хаспел, оценувајќи дека „епидемијата на дроги петставува закана која убила многу повеќе Американци отколку која било терористичка група“.

Иран: Хаспел оцени дека претставува „изненадување“ колкаво количество пари продолжува да вложува Техеран за поддршка на Владата на сирискиот претседател Башар Асад, за да го зголеми влијанието во Багдад и да ги поддржи бунтовниците Хути во Јемен, имајќи ги предвид економските проблеми на земјата.

– Внимателно ги следиме иранските злонамерни активности во регионот. Би сакале да се спротиставиме на тие активности со цел земјите за кои станува збор да можат сами да го определат својот пат, додаде Хаспел.

Транспарентност: Хаспел изјави дека за ЦИА „нема ништо поважно од обврската да ја заслужи довербата на американските граѓани“. – Нема друга голема разузнавачка агенција во светот која е подложена на толку сеопфатен надзор, како што е случај со нас, но впрочем така треба и да биде, рече Хаспел.

Пред да биде избрана за директорка на ЦИА, Хаспел беше изложена на големи критики поради нејзината улога во супервизија на тајниот центар за сослушување затвореници во Тајланд и во врска со нејзината улога во уништувањето на лентите од снимените сослушувања.

Морал: Хаспел истакна дека ЦИА има издржлив и силен персонал исклучително сконцентриран на своите мисии. – Имаме тенденција да не обрнуваме внимание на политичките превирања и расправии во главниот град, изјави Хаспел.

Би можело да ве интересира

Поранешен агент на ЦИА осуден на 10 години затвор за шпионирање за Кина

Шефот на ЦИА: Западот не треба да се плаши од руските закани за нуклеарна ескалација

Горан Наумовски

Според сознанијата на ЦИА и МИ-6: Путин нема да успее, подемот на Кина е главниот предизвик

ЦИА: Украина има намера да задржи дел од освоената руска територија на некое време

ВИДЕО: Шефот на ЦИА се сретна со Кури во Приштина

ЦИА: Лидерот на Хамас Јахја Синвар е под притисок да прифати договор со Израел