Малиот граничен премин „Клепало“, кој се наоѓа на територија на општините Берово од македонска страна и Струмјани од бугарска страна, се очекува да биде отворен во 2020 година, информираше денеска градоначалникот на Општина Струмјани, Емил Илиев при посетата на Општина Карбинци.
Тој истакна дека од бугарска страна веќе се изградени вкупно 10 километри од патот, кој треба да биде трасиран до граничниот премин „Клепало“.
– Во моментов , кај нас се асфалтирани вкупно 10 километри од вкупно 30 – те километри од Струмјани до граничниот премин „Клепало“, до крајот на годината треба да заврши и асфалтирањето на вкупно 24 километри. Значи за наредната година ќе останат уште шест километри од местото викано Студена вода, кај село Раздол па се до границата меѓи Бугарија и Македонија. Во моментов се проектираат токму тие шест километри. Се надеваме дека до крајот на наредната година се ќе биде завршено и веќе во 2020 година да можеме да го отвориме граничниот премин „ Клепало“, вели Илиев.
Инаку, малиот граничен премин „Клепало“ има и инфраструктура, односно објекти од македонска страни, кои се изградени во 1993 година. Овие објекти ќе ги користат и двете страни. Граничниот премин ќе се користи само за проток на патници, но не и за стока од двете страни.
Жителите на Берово со години го чекаат отварањето на овој премин, кој ќе им овозможи побрзо поврзување со соседните општини од бугарска страна, но и поголем број на туристи.