Со поддршка на Министерството за локална самоуправа и на УНДП во финална фаза е подготовката на техничка документација за реконструкција на пешачката патека покрај Дојранското Езеро, како и за изградба на локален пат. УНДП, во рамки на проектот за заштита на животната средина би можел да помогне и во поставување на нова урбана опрема. Со средства од Програмата за рамномерен регионален развој отпочнува реконструкција на канализациониот систем во Стар Дојран.
Ова беа некои од темите на кои денеска во Дојран разговараа заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески и градоначалникот на општината, Анго Ангов.
На состанокот се разговараше и за перспективите за развој на општината преку користење на средства од ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка.
Беше истакнато дека и покрај негативните финансиски последици од претходниот градоначалник поради непочитување на процедурата за имплементација на европски проекти, општина Дојран успеа да обезбеди 489 илјади евра од Европската Унија за реализација на заеднички проект со грчката општина Серес и со Аристотел Универзитетот од Солун.
Примарната цел на проектот е да демонстрира одржлив општински модел за управување со био-отпад во земјоделските региони за производство на биогас и компост, во кој се применуваат кружни економски принципи за подобрување на условите за живеење. Заштита на животната средина, безбедноста на храната и квалитетот на воздухот, ефикасноста на ресурсите, искористувањето на обновливите извори на енергија и човечки капацитети.
Заменикот министер Дејан Павлевски истакна дека Програмата за прекугранична соработка со Грција дава големи можности, затоа што преку неа од Европската Унија на располагање се 45,5 милиони евра, од кои, 50 насто се за проекти во Република Македонија. Кофинансирањето во износ од 15 насто го обезбедува Министерството за локална самоуправа од буџетот на државата.
Заменикот министер Павлески оствари средби и со граѓани и претставници на бизнис заедницата на кои се разговараше за владиниот план за економски раст и можностите за развој на општината и на планскиот регион.