Во текот на минатите две недели царинските службеници спречија обид за криумчарење на околу 2 килограми марихуана.
На 07.09.2018 година, околу 22.30 часот, на граничниот премин Табановце автопат, мобилните царински тимови селектирале за контрола македонски автобус кој сообраќал на релација Македонија – Швајцарија, пријавен за излез од Република Македонија.
При контрола на багажниот простор, извршена со помош на царинско куче, била лоцирана сомнителна патна торба, по што биле замолени сите патници да излезат од автобусот и да си го земат сопствениот багаж. Поради тоа што ниту еден од патниците не се пријавил како сопственик на сомнителната торба, биле прегледани снимките од автобуската станица во Тетово, од кои било утврдено дека еден од патниците, македонски државјанин, заедно со уште едно непознато лице ја ставиле торбата во багажникот на автобусот. При прегледот на торбата биле пронајдени две најлонски кеси со непозната зеленкаста растителна материја со вкупна маса од 2.200 грама. При тестирање на материјата, тестерот за дрога покажал присуство на опојна дрога марихуана.
Целиот случај е предаден на Секторот за контрола и истраги, кој, против лицето поднесе кривична пријава за сомневање за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Покрај тоа, во текот на минатите две недели, царинските службеници открија 6 илегални мигранти и спречија неколку обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани делови за возила, алат, возило со бункер, облека, обувки, модни додатоци и фалсификати.
Делови за возила и алат
– 114 литри моторно масло и 11 литри адитив за патнички возила, 10 гуми за патнички возила и земјоделска механизација, 6 парчиња алат (бор-машини, хефталка, брусилка, дигалка и фреза), 2 рефлектори, 26 силикони за стакло и 2парчиња црева за компресор, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на стока со потекло од Соединетите Американски Држави, наменета за физичко лице од Дебар, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Струга. Производите, кои не биле опфатени со царинската декларација, се привремено задржани а против увозникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Возило со бункер и разна стока
– 1 минибус со бункер и 81 парче разна стока, откриени од страна на мобилните царински тимови. Минибусот со косовски регистарски таблички, управуван од косовски државјанин, се пријавил за влез во државата на граничниот премин Блаце. При контрола на минибусот, во багажниот простор била пронајдена додадена преграда затскриена со резервното тркало. Откако биле тргнати тркалото и преградата, бил откриен специјално преграден простор во кој биле пронајдени повеќе парчиња облека, обувки, часовници, нараквици, 1 смарт ТВ бокс, и сетови од нараквица и часовник, нараквица, прстен и запалка и паричник, запалка и привезок.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 392 пара спортски обувки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на бугарски камион, натоварен со стока со потекло од Бугарија, наменета за увозник од Косово, пријавен за излез од државата на граничниот премин Блаце. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани, и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.
Мигранти
Царинските службеници од граничниот премин Табановце автопат спречија обид за нелегално преминување на границата на странски државјани. На ден 06.09.2018 година, за излез од државата се пријавил српски камион управуван од српски државјанин, натоварен со разни производи од Грција. Возачот пријавил дека сајлата на камионот е оштетена, најверојатно додека одмарал во близина на граничниот премин Богородица, по што било пристапено кон детална контрола на товарот. Притоа, во предниот дел на приколката биле пронајдени 6 лица без патни исправи, кои според нивните изјави биле пакистански и авганистански државјани. Илегалните мигранти биле предадени на полициските службеници од граничниот премин, за понатамоишна постапка.