Во соработка со гимназијата и основните училишта во Берово реализирана е еко акција за чистење на повеќе локации во градот. Учениците од деветолетката „Дедо Иљо Малешевски“, беа вклучени во чистење на градскиот парк, просторот околу основното училиште, додека гимназијалците од „Ацо Русковски“ го чистеа комплексот околу старата гимназија.
Како што информираа од воспитно-образовните установи во Берово се чистеше и училишниот двор и улицата која води до подрачното училиште „Никола Петров – Русински“.
– Со акцијата која ја организира Општина Берово во соработка со двете основни и средното училиште е исчистен голем дел од доста фреквентни површини во градот. Се надеваме дека изгледот ќе предизвика подигнување на свеста кај граѓаните во насока да се зачува животната средина и комуналниот отпад да се складира онаму каде што му е местото, рече Наташа Аврамска, директор на деветолетката од Берово.
Акцијата се спроведува во соработка со здружението за одржлив развој и заштита на животна средина „Go Green“ од Скопје во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.