Општина Неготино ќе има богата програма пред неготинскиот панаѓур и за време на стопанско-туристичката манифестација со најдолга традиција во државата, информираше денеска Методи Митрев, портпарол во неготинската локална самоуправа.
Шестдневна забава ќе има од вторник до недела, исполнета со музички доживувања за сите вкусови и саемска манифестација. Според програмата, активностите започнуваат во вторник со одржување на настанот „Неготински серенади“, кој ќе се одржи во кино-салата на Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“, со почеток од 19,00 часот.
– Се продолжува во среда со одржувањето на „Неготинска музичка вечер“ на старата градска чаршија, со настап на босанската музичка sвезда Емир Гиле, Бени Шаќири и Нон-стоп и ДЈ Cosmo Z, а меѓу настаните секако е и традиционалната „Манастирска вечер“ која се одржува во четврток на 20 овој месец. Деновите од 21 до 23 септември се предвидени за одржување на стопанско-туристичката манифестација „Неготински панаѓур“- најголема и најмасовно посетена во цела држава, со настап на голем број естрадни музички имиња, ангажирани од сопствениците на угостителските објекти, појаснува Митрев.
Тој нагласува дека и годинава е голем интересот кај трговците, за добивање место за тезга, за време на манифестацијата која има традиција од над пет децении.