Можностите за поголем развој на воспоставената соработка и функционирањето на двете администрации беше целта на средбата на претставници на царинските управи на Македонија и Србија што во изминатите два дена се одржа во Врање.
Разговорите ги предводеле помошниците директори на Царинската управа на Македонија Игор Милев и на Царинската управа на Србија Соња Лазаревиќ.
Како што соопшти Царинската управа на Србија, во текот на првиот ден се разговарало за голем број прашања поврзани со обидите за разновидни злоупотреби со кои се соочуваат двете администрации и начините со кои преку поблиска соработка овие обиди уште поефикасно би се спречувале.
– Имајќи предвид дека приоритет на двете царински управи е сузбивањето на сивата економија, на средбата најмногу се зборуваше за размената на информации,кои ќе допринесат за уште подобри резултати на овој план. Станало збор и за дополнителни контроли, класификацијата на стоки, анализа на ризикот и за голем број на други предизвици со кои се соочуваат двете служби, се посочува во соопштението од Царинската управа на Македонија.
Во духот на неодамнешната посета на високи официјални претставници од Србија и Македонија на граничниот премин Прешево-Табановце, се разговараше и за воведувањето на интегрираниот премин, т.н. „One stop shop“ за што постои заеднички интерес.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, двете страни се согласија дека таквиот начин на работа би го забрзал сообраќајот на патници и стоки, но потенцираа дека во исто време важно е да се подигне и нивото на соработка при контролите, што значително би влијаело врз безбедноста на двете страни.
Српската царинска служба ги запозна македонските колеги со ресурсите со кои располага, како што е Командниот центар во кој се следи преминувањето, како и системот за анализа на ризикот врз основа на кој може однапред да се идентификуваат потенцијално сомнителните возила за преглед.
На разговорите посебно внимание било посветено на проблематичните стопански субјекти кои превезуваат стоки преку заедничката граница, а се занимаваат со злоупотреба, обидувајќи се лажно да ја декларираат стоката со што го избегнуваат плаќањето даноци на едната или на другата страна.
На крајот од посетата на делегацијата на Македонија, беше констатирано дека овие и слични посети отвораат можност за подобра соработка на царинските служби и придонесуваат за заедничката цел – зачувување на безбедноста на границата и на буџетот на двете земји.