Во хрватскиот град Вуковар изминатите денови се крена голема врема поради воведувањето на кирилицата и српскиот јазик како службен во општините во кои повеќе од една третина од население е со српско потекло, што се случува во пресрет на локалните избори, кои ќе бидат одржани во мај.
– Станува збор за десно ориентирани партии и ветерански здруженија, кои се обидуваат по тоа прашање да ја хомогенизираат десницата, изјави за Тајнуг пратеникот на Самостојната демократска српска партија Драган Црногорац.
– Многумина тоа го користат на погрешен начин, бидејќи сакаат да ги добијат гласовите на десницата, која ја хомогенизираат по тоа прашање, во обид да го нарушат демократското уредување на државата. Сметам дека граѓаните ќе препознаат дека тоа не е причина да гласаат за некого, рече Црногорац.
Тој нагласи дека и тој како Србин смета дека кирилицата не треба да предизвика никаков страв и оти во хрватското општество таа се уште се третира на начин на кој се поврзува со војната.
Црногорац потсети дека Самостојната демократска српска партија на ниво на Вуковар, каде има мнозинство и учествува во власта, но и на нивото на саборските пратеници, реагира на изјавите против кирилицата и настојувањата да се отежне нејзиното воведување.
Политичкиот аналитичар Жарко Пуховски меѓутоа смета дека протестите во Вуковар поради најавата на властите за воведување на кирилицата и на српскиот како официјален јазик биле очекувани.
– Бунтот против кирилицата е нешто што мораше да се очекува. Од една страна имате побуна на многумина што покажува дека ситуацијата се уште не е зрела, но доколку се чека таа да созрее тоа никогаш нема да се случи, рече Пуховски.
Тој потсети дека во Вуковар меѓу двете светски војни се користела кирилицата, а по 1945 година во некои ситуации, како едно од писмата.