Започнаа градежните активности за реконструкција на улицата „Борис Кидрич“ во Берово. Потребата за реконструкција на оваа сообраќајница како што велат од општината се јавува како резултат што оваа улица е една од најруинираните во Берово и најмногу поради фактот што истата се приклучува кон регионалниот пат Берово – Струмица.
– Изведувачите, заедно со градежната механизација се веќе на терен при што оваа сообраќајница која е во должина од 372 метри се подготвува за асфалтирање. Асфалтирање е предвидено од раскрсницата која го опфаќа регионалниот пат Берово – Струмица до раскрсницата со улиците „Велко Влаховиќ“ и „Јуриј Гагарин“. Очекувањата се дека, некаде кон крајот на септември оваа година, улицата „Борис Кидрич” во Берово, ќе добие нов лик, вели Беровскиот градоначалник Звонко Пекевски.
Заради зголемување на безбедноста на одреден дел од улицата, како што информираше Пекевски, ќе се врши проширување на патот чија широчина на одредени места ќе изнесува 7 метри.
– Поради градежните работи кои се одвиваат на терен ја информираме јавноста дека сообраќајот ќе се одвива отежнато и по една лента. Исто така апелираме до граѓаните да имаат разбирање за периодот на реконструкција и доколку е можно да ја избегнуваат улицата за сообраќај, додава Пекевски.
Вкупната вредност на договорот за иградба на улицата „Борис Кидрич” изнесува 2 милиони 198 илјади и 189 денари, средства кои целосно се обезбедени од Буџетот на Општина Берово за 2018 година.