Градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски денеска изврши увид во тековните активности за реконструкција на подрачното училиште „Димитар Влахов“ во селото Крани, каде новата учебна година ќе ја почнат 24 ученици.
Училиштето, како што информира градоначалникот, е молерисано, заменет е целиот под со ламинат, извршена е реконструкција на електричната и водоводната мрежа и исчистен е училишниот двор.
Реконструкцијата е извршена со средства од општината, месната заедница и иселениците од ова село.
Градоначалникот упати благодарност до месната заедница, иселениците и директорката на училиштето за финансиската помош и вклученост во реализацијата на овој проект и најави изградба на ново спортско игралиште во училиштето.
Со финансиска поддршка од иселениците и месното население реконструирано е и подрачното училиште во селото Штрбово каде е извршена замена на подот и на дел од вратите и прозорците. Во училиштето ќе учат седум деца.
Според градоначаникот Гошаревски, се е подготвено за почетокот на новата учебна година и во останатите ресенски училишта каде е извршена потребната санација.